НОВИ УСЛОВИ НА МЕРКАТА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА ЗА МЕСЕЦ АПРИЛ И МАЈ ВО ИЗНОС ОД 14.500 ДЕНАРИ ПО ВРАБОТЕН
АЖУРИРАНО НА 01.05.2020

Владата на РМ на 28.04.2020 година донесе нова Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот Covid-19, заради исплата на платите за месеците април и мај 2020 година и ја објави во Службен Весник на РМ бр. 111/2020 од 28.04.2020 година но веднаш потоа на 01.05.2020 година ја измени уредбата поради допрецизирање на дел од условите на мерката.

Со новата уредба од 28.04.2020 година и измената на истата од 01.05.2020 се олеснуваат и допрецизираат критериумите за работодавачите корисници на мерката. Со новата уредба, во поглед на мерката се воведоа следните измени:

  • се продолжува рокот за доставување на Барање за финансиска поддршка до УЈП до 07-ми во месецот за претходниот месец,
  • вкупните приходи од кои се пресметува намалувањето на приходот за месец април или мај 2020 година во споредба со просечните месечни  приходи од 2019 година ќе се пресметуваат намалени за одделни еднократни приходи кои не произлегуваат од редовното работење,
  • компаниите кои вршат дејности погодени од кризата: угостителство, туризам и транспорт кои за 2018 и 2019 година немаат искажано загуба после оданочување и нема неплатени јавни давачки и не доцнеле со плаќање на обврските по основ на кредити подолго од 90 дена од денот на достасаноста, можат да ги користат кумулативно и мерката 14.500 и мерката 50% од придонеси.
  • Се менува начинот на пополнување на МПИН, односно работодавачот кој ја користи мерката 14500 во поле 3.4б. од МПИН образецот внесува шифра 5000 а доколку истата мерка ја користи заедно со некоја друга мерка, за другата мерка ја внесува соодветната шифра во поле 3.23 од МПИН,
  • работодавачите кои ја користат мерката 14500 за април и за мај, до 30 јули 2020 година не смеат да го намалат бројот на вработени во друштвото за повеќе од 15% кај работодавач кој имал до 50 вработени , 10% кај работодавач кој имал од 51 до 250 вработени, 5% кај работодавач кој имал над 250 вработени    НАПОМЕНА: Бројот на вработени  максимум до наведените проценти може да се изврши само поради: пензионирање и смрт на работник, откажување на договорот за вработување од страна на работникот, откажување на договорот за вработување без отказен рок од страна на работодавачот поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски, спогодбено преземање на работник, престанување на важноста на договорот за вработување врз основа на судска пресуда и престанување на важноста на договорот за вработување поради утврдена трајна неспособност за работа.
  • Кај компаниите кои во 2020 ќе остварат добивка и ќе имаат обврска да ги вратат средствата добиени по основ на оваа мерка, остварениот финансиски резултат пред оданочување за 2020 година зголемен за износот на оданочивите расходи се зголемува и за помалку искажаните приходи во Даночниот биланс,
  • работодавачот кој не искажал даночна основа за оданочување во ДБ за 2020 нема да ги врати средствата од искористената мерка 14500, доколку нема обврски по основ на неплатени даноци и придонеси,
  • Предвидени две нови барања кои ќе се поднесуваат со поднесување на ДБ за 2020 – Барање за пресметување на износот за враќање на примената финансиска поддршка за исплата на плати до Управата за јавни приходи и Барање за претворање на финансиска поддршка во грант,
  • Можност да не се вратат средствата и од страна на компаниите кои ќе искажат добивка со ДБ за 2020 година доколку добиените средства по основ на оваа мерка кои треба да ги вратат во Буџет, до крајот на 2020 година ги искористат за инвестиции во вработени, оперативни подобрувања на компанијата или продуктивен капитал.

Подолу е претставена мерката 14.500 со ажирирани податоци според најновата Уредба со законска сила на влада.

1.На што се однесува оваа финансиска поддршка?

Предмет на финансиска поддршка со оваа мерка е исплатата на платите на работниците кај работодавачот-барател на финансиска поддршка за месеците април и мај 2020 година, во износ најмногу до 14.500 денари месечно по работник, согласно со работното време (полно или неполно работно време) на кое е пријавен работникот, намалено за работното време за кое работникот остварува надоместок на плата кој не паѓа на товар на работодавачот.

Финансиската поддршка на работодавачот ќе се спроведува преку Владина Програма за финансиска поддршка на работодавачи погодени од здравственоекономската криза предизвикана од коронавирусот COVID-19 со исплата на финансиски средства на сметка на работодавачот-барател на финансиска поддршка за исплата на платите на работниците за месеците април и мај 2020 година (во понатамошниот текст: „работодавач-барател на финансиска поддршка“).

2.Кој може да аплицира и кои услови треба да ги исполнува?

За финансиската поддршка од оваа мерка може да аплицираат сите компании од приватен сектор (работодавачи од приватен сектор) кои се погодени од кризата, односно ги исполнуваат условите наведени подолу во овој напис.

„Работодавач“ во смисла на оваа уредба е секој правен субјект кој вработува работници врз основа на договор за вработување, физичко лице кое вработува работници врз основа на договор за вработување и работодавач корисник согласно со Законот за приватни агенции за вработување.

За користење на финансиската поддршка, работодачот-барател на финансиска поддршка треба да ги исполни следните услови:

  1. намалувањето на вкупните приходи намалени за одделни еднократни приходи кои не произлегуваат од редовното работење на работодавачот-барател на финансиска поддршка остварени во месец април 2020 година или во месец мај 2020 година да изнесува повеќе од 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи намалени за одделни еднократни приходи кои непроизлегуваат од редовното работење остварени во 2019 година, а за работодавач-барател на финансиска поддршка кој е запишани во соодветен регистар (основање) после месец март 2019 година, намалувањето на вкупните приходи намалени за одделни еднократни приходи кои не произлегуваат од редовното работење на работодавачот-барател на финансиска поддршка остварени за месец април 2020 година или месец мај 2020 година да изнесува повеќе од 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи намалени за одделни еднократни приходи кои не произлегуваат од редовното работење на работодавачот-барател на финансиска поддршка остварени од денот на запишувањето во соодветен регистар во 2019 година и месеците јануари и февруари 2020 година. За работодавачот-барател на финансиска поддршка кој врши дејност од сезонски карактер, намалувањето на просечните вкупни приходи намалени за одделни еднократни приходи кои не произлегуваат од редовното работење на работодавачотбарател на финансиска поддршка остварени за последниот сезонски период од 4 месеци споредено со просечните вкупни приходи намалени за одделните еднократни приходи кои не произлегуваат од редовното работење на работодавачот-барател на финансиска поддршка остварени за сезонскиот период од истите 4 месеци во претходната година да изнесува повеќе од 30%,
  2. работодавачот-барател на финансиска поддршка да не исплатува дивиденда на сопствениците, како и да нема извршено исплата по основ на награда за деловна успешност (учество во добивка, бонус) или друг вид на годишна награда на вработените и органите на управување и надзор на работодавачот-барател на финансиска поддршка, од денот на влегувањето во сила на оваа уредба, до денот исплатата на платата за месец мај 2020 година и
  3. најмногу 10% од вкупниот број на вработени кај работодавачот-барател на финансиска поддршка да имаат поединечна месечна нето плата над 120.000 денари месечно по вработен, за месецот за кој се бара финансиска поддршка. Работодавачот-барател на финансиска поддршка кој на повеќе од 10% од вкупниот број вработени им исплатува поединечна нето плата повисока од 120.000 денари за месецот за кој се бара финансиска поддршка не ги исполнува условите од првата реченица на оваа точка.

3.За кои вработени, работодавачот не може да ја користи оваа мерка?

Работодавач-барател на финансиска поддршка не може да користи финансиска поддршка за работник доколку:

  1. нето платата на работникот за последните три месеци пред поднесување на Барањето за финансиска поддршка е повисока од 39.900 денари за секој месец одделно, сразмерно на часовите на пријавено работно време (полно или неполно работно време) или доколку засновал работен однос за време пократко од три месеци, нето платата на работникот е повисока од 39.900 денари за секој месец одделно за периодот за кој е пријавен во работен однос, сразмерно на часовите на пријавено работно време (полно или неполно работно време),
  2. користи субвенционирање согласно со Уредбата со Законска сила за субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за време на вонредна состојба, освен работодавач коj врши дејност наведена согласно со Националната класификација на дејности – НКД Рев. 2: угостителска дејност (шифра 56 – дејности за подготовка и служење на храна), туризам (шифра 79 – туристички агенции организатори на патувања (туроператори) и останати резервациски услуги како и дејностите поврзани со нив и шифра 55 – објекти за сместување) и транспорт (шифра 49 – копнен транспорт и цевоводен транспорт, шифра 50 – воден транспорт, шифра 51 – воздухопловен транспорт и 52 – складирање и помошни дејности во превозот) кој за 2018 и 2019 година нема искажано загуба после оданочување и нема неплатени јавни давачки (данок на додадена вредност, данок на добивка, данок на личен доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, како и акцизи и царини) согласно со објавената Листа на должници на доспеани и неплатени долгови бр. 03/2020 на веб страната на Управата за јавни приходи и заклучно со 29 февруари 2020 година не доцнел со плаќање на обврските по основ на кредити подолго од 90 дена од денот на достасаноста, согласно со податоците за задолженост од соодветен јавен регистар/биро. Односно компаниите кои ги вршат горенаведените дејности, како најпогодени од кризата, доколку ги исполнуваат и условите за подмирени даноци и јавни давачки, можат да ги користат кумулативно и двете мерки, односно и мерката 14.500 за април и мај и мерката 50% од придонеси за задолжително осигурување.
  3. користи ослободување од плаќање на данокот на личен доход и придонеси од задолжително социјално осигурување, согласно со Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност (за мерките од проектот „Македонија вработува“) и
  4.  вработува работник за дополнително работење, согласно со членот 121 од Законот за работните односи.
Финансиска поддршка за исплата на платите исто така не може да користи:
  1. орган на државна и на локална власт и други државни органи основани согласно со Уставот на Република Северна Македонија и со закон, институција која врши дејност од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и во другидејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи, јавни претпријатија и трговски друштва основани од Република Северна Македонија, општините, градот Скопје и општините во градот Скопје и
    приватна агенција за вработување за работник кој е отстапен кај работодавач од погорната точка (државни органин, јавни претпријатија….).

4.Постапка и начин на поднесување на барање за финансиска поддршка

Чекор 1: Работодавачот-барател на финансиска поддршка до Управата за јавни приходи поднесува Барање за финансиска поддршка на работодавач заради исплатата на платите за месеците април и мај 2020 година. Формата и содржината на Барањето за финансиска поддршка за исплатата на платите на работниците е дадено во Прилог и е составен дел на оваа уредба со законска сила.

Барањето за финансиска подршка, работодавачот-барател на финансиска поддршка го поднесува преку системот е-даноци на Управата за јавни приходи до 7-ми во месецот за претходниот месец, а комплетноста на Барањето го потврдува Управата за јавни приходи, во рок од 3 дена од денот на приемот на барањето.

Во Барањето за финансиска поддршка, работодавачот-барател на финансиска поддршка дава Изјава за исполнетоста на условите предвидени во член 3 став (5)  и членот 4 на оваа уредба со законска сила.

Составен дел на Барањето за финансиска поддршка е задолжителен Прашалник според стандардите на Светска Банка со кој се утврдува можноста за финансирање на финансиската поддршка од средства обезбедени од Светска Банка и истиот не претставува предуслов за добивање на финансиска поддршка од буџетски средства.

Чекор 2: Работодавачот со комплетното Барање за финансиска поддршка, за работниците за кои побарува финансиска поддршка, во полето 3.4б. од МПИН образецот внесува шифра 5000.

Работодавачот кој истовремено може да користи друга мерка за субвенционирање на социјалните придонеси и/или данок на доход во полето 3.23 од МПИН образецот ја внесува соодветната шифра за ослободување и истата ја комбинира (користи истовремено) со шифрата 5000 во полето 3.4б.

5.Услови за работодавачите корисници – кои треба да ги почитуваат по добиената на финансиската поддршка

Работодавачот кој користел финансиска поддршка за исплата на плати има обврска да ги врати добиените финансиски средства во целост, заедно со камата согласно со Законот за даночната постапка, доколку по извршена контрола од страна на Управата за јавни приходи и/или Државниот инспекторат за труд се утврди дека работодавачот не ги исполнил условите од членот 3 став (5), членот 4 и ставот (2) на  член 6 од оваа уредба со законска сила.

За времетраење на финансиската поддршка согласно со оваа уредба со законска сила и два месеци после нејзиното престанување (заклучно со месец јули 2020 година) бројот на вработени кај работодавачот кој користи финансиска поддршка за исплата на плати, не смее да го намали бројот на вработени, освен заради:

  • пензионирање и смрт на работник,
  • откажување на договорот за вработување од страна на работникот,
  • откажување на договорот за вработување без отказен рок од страна на работодавачот поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски,
  • спогодбено преземање на работник,
  • престанување на важноста на договорот за вработување врз основа на судска пресуда и
  • престанување на важноста на договорот за вработување поради утврдена трајна неспособност за работа.

Вкупниот број на вработени на кои по исклучиво по овие основи би им бил прекинат или завршен работниот однос, заклучно со месец јули 2020 година не смее да биде повеќе од:

  • 15% кај работодавач кој имал до 50 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка,
  • 10% кај работодавач кој имал од 51 до 250 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка и
  • 5% кај работодавач кој имал над 250 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка.

Ако намалениот број на вработени пресметан на начинот од ставот (2) на овој член е нецел број, бројот се заокружува на првиот поголем цел број. Бројот на вработени што работодавачот корисник на финансиска поддршка треба да го задржи ги вклучува вработените на неопределено време, определено време и вработените со работно време пократко од полното работно време.

6.Враќање на средствата добиени како финансиска поддршка

Работодавачот кој го искористил правото на финансиска поддршка за исплата на плати, има обврска примените финансиски средства да ги врати во Буџетот на Република Северна Македонија, но најмногу до износот од 50% од остварениот финансиски резултат пред оданочување за 2020 година зголемен за износот на оданочивите расходи и помалку искажаните приходи во Даночниот биланс за обврзниците на данокот на добивка; за обврзниците на годишниот данок на вкупен приход, најмногу до износот од 50% од финансискиот резултат пред оданочување искажан во Билансот на успех за 2020 година, односно за вршителите на дејност, најмногу до износот од 50% од износот на искажаниот финансиски резултат пред оданочување во Билансот на приходи и расходи (образец Б) за 2020 година, зголемен за непризнаените расходи за даночни цели во годишниот Даночен биланс за утврдување на данокот на доход од вршење на самостојна дејност.

Работодавачот кој го искористил правото на финансиска поддршка за исплата на плати и кој не искажал даночна основа за оданочување во Даночниот биланс, износот на примена финансиска поддршка за исплата на плати нема да ја врати во Буџетот на Република Северна Македонија, доколку нема обврски по основ на неплатени даноци и придонеси.

За целите на пресметувањето на износот за враќање на примената финансиска поддршка за исплата на плати, работодавачот кој го искористил правото на финансиска поддршка за исплата на плати поднесува Барање за пресметување на износот за враќање на примената финансиска поддршка за исплата на плати до Управата за јавни приходи. Формата и содржината на барањето го пропишува министерот за финансии.

Враќањето на износот добиен како финансиска поддршка по основ на оваа мерка ќе се изврши на три месечни рати, без камата, во месеците април, мај и јуни 2021 година.

Финансиската поддршка за исплата на плати е неповратна за работодавач-корисник на финансиска поддршка кој вработува до 250 вработени, кој:

  •  во последните 2 години искажал добивка после оданочување,
  • не се наоѓа на листата на должници согласно со последната објавена Листа на должници на доспеани и неплатени долгови на Управата за јавни приходи на денот на поднесување на барањето,
  • заклучно со 29 февруари 2020 година не доцнел со плаќање на обврските по основ на кредити подолго од 90 дена од денот на достасаноста, согласно со податоците за задолженост од соодветен јавен регистар/биро,
  • ќе докаже дека финансиските средства во износ еднаков или поголем од износот на добиена финансиска поддршка ги искористил за:

 а) инвестиции во вработени:

      • обука на вработените во области како што се маркетинг и брендирање, финансиско управување, подобрување на производството, истражување и развој, дигитални вештини и надградба и слични обуки,
      • обука на вработените за управување како што е бизнис менаџмент, стратегија, корпоративно управување или која било активност дефинирана под обука на вработените за целите на вршење на дејноста.

б) оперативни подобрувања на компанијата:

      • набавки поврзани со надградба на производството (на пр. подобрување на производство и дизајнирање на процеси), маркетинг и брендирање, промена на деловниот модел, дигитална трансформација (автоматизација, онлајн трговија), нова експанзија на пазарот, развој на нов производ и слични набавки,
      • воведување на акредитирани нови стандарди, набавки на патенти, авторски права, трговски марки и други права од интелектуална сопственост,

 в) продуктивен капитал:

набавки на опрема и други средства кои се користат за подобрување на ефикасноста и продуктивноста на работењето, опрема поврзана со производството, компјутери и друга соодветна опрема, софтвер, опрема за транспорт и слични набавки во функција на вршење на дејноста.

НАПОМЕНА: Набавките за целите на вообичаени деловни активности на компанијата нема да бидат признаени како набавки за добивање на неповратна финансиска помош (пример: плати, канцелариски трошоци, трошоци за одржување, комунални трошоци, трошоци за сметководство и правни работи, за усогласеност и владини такси), трошоци за финансирање, изнајмување, продажни активности /рекламирање, репрезентација, трговски изложби/, набавки за одржување на постојниот софтвер, набавки за одржување на постојните сертификати во индустријата и слични тековни набавки (трошоци).

Набавките кои се како услов за добивање на неповратна финансиска помош, работодавачот-корисник на финансиска поддршка треба да ги изврши до крајот на 2020 година.

Работодавачот-корисник на финансиска поддршка кој ги исполнил условите од ставот (5) на член 7 од Уредбата, односно извршил набавки со кои финансиската помош станува неповратна, до Управата за јавни приходи доставува Барање за претворање на финансиската поддршка за исплата на плати во грант најдоцна до рокот за поднесување на даночниот биланс за 2020 година, со приложување на фактури за извршените набавки од ставот 5 на овој член и изводи од носител на платен промет како доказ за извршеното плаќање на фактурите. Кон Барањето за претворање на финансиската поддршка за исплата на плати во грант, работодавачот-корисник на финансиска поддршка до Управата за јавни приходи доставува Уверение за платени даноци и придонеси. Формата и содржината на барањето го пропишува министерот за финансии.

Работодавачот-корисник на финансиска поддршка кој не ги исполнил условите од ставот 5 на членот 7 и не ги презентирал доказите од ставот 8 на член 7, враќањето на износот на добиената финансиска поддршка ќе го изврши на три месечни рати, без камата, сметано од денот на добивањето на решение за одбивање на барањето од ставот 6 на овој член од Управата за јавни приходи.

Во рок од 15 дена од приемот на Барање за пресметување на износот за враќање на примената финансиска поддршка за исплата на плати, Управата за јавни приходи го известува работодавачот за пресметаниот износ за враќање на добиената финансиска поддршка или за целосно ослободување од враќање на добиената поддршка, или во рок од 15 дена од приемот на Барање за претворање на финансиската поддршка за исплата на плати во грант го известува работодавачот за одбивање на барањето за претворање на финансиската поддршка за исплата на плати во грант или издава решение за претворање на финансиската поддршка за исплата на плати во грант.